Карцином на желудник е вториот најчест тип на канцер кај нас. Најчесто карциномот на желудник е асоциран со инфекција со хеликобактер пилори. Се работи за бактерија која живее во гастричната слузница и се пренесува орално. Според СЗО х. пилори е главниот виновник или број еден карциноген во појавата на карциномот на желудник. Најчесто оваа болест влијае на лицата од 40 – 60 години.
Симптомите и резултатите од болеста варираат во зависност од локацијата на канцерот. Најчесто пациентите се жалат на губење на апетит, аверзија кон месо и маст, чуствување на мачнини после јадење, тешкотии во варењето на храната, гадење, повраќање и болки во стомакот. Во тешки случаи, се јавува и крв во столицата и повраќање крв, губење на тежината и анемија. Чести се и метастази во лимфните јазли, хранопроводот, панкреасот, дебелото црево и црниот дроб, но исто така има и случаи на метастази на далечните органи како што се јајниците.
Од местото на кое се наоѓа ракот, зависи и третманот. Најважниот фактор за предвидување се длабочина на инвазијата и присуство на метастази. Единствениот начин да се излечи е хируршко отстранување на туморот, а хирургија вклучува отстранување на сите или на дел од стомакот и околните лимфни јазли. Други методи на лекување се зрачење и хемотерапија.