Икањето претставува неконтролирани контракции на дијафрагмата, мускулот што се наоѓа веднаш под белите дробови и ја означува границата помеѓу градниот кош и стомакот. Дијафрагмата го регулира дишењето. Контракцијата е проследена со ненадејно затворање на гласните жици, што резултира со карактеристичен звук – икање.
Икањето може да се појави на секоја возраст, па дури и кај фетусот во матката.
Не постои начин за икањето да се предвиди. Повеќето од случаите започнуваат и завршуваат ненадејно и нагло, без некоја посебна причина.
Долготрајното и непрестајно икање може да биде многу непријатно, па дури и опасно по здравјето. Долготрајното икање може да доведе до нагони за повраќање на пример. Доколку продолженото икање се остави нелекувано, може да дојде до нарушување на спиењето и исхраната, што доведува до:
- Несоница, Премореност, Неухранетост, Губење на тежината, Дехидратација.
Најчести причини за појава на краткотрајно икање се:
Прејадување;
Презачинета и лута храна;
Алкохол;
Газирани пијалаци;
Премногу топла или премногу студена храна;
Ненадејна промена на температурата на воздухот;
Проголтување воздух за време на џвакање мастика;
Возбуда или емоционален стрес.
Доколку икањето не престане во рок од 48 часа, побарајте помош од стручно лице.