Лето е! Пијте повеќе вода!
Високите летни температури асоцираат на вода, плажа и море, но и покрај првата помисла на големи количества на вода, за време на тропските темперарури треба да внимаваме да не дојде до дехидратацијата на нашето тело.
Водата е неопходна за правилно функционирање на организмот. Околу 2/3 од телесната тежина кај луѓето отпаѓа на водата. Дехидратација настапува кога количеството вода што го напушта нашето тело е поголемо од количеството што го внесуваме. Просечно дневно губиме помеѓу два и три литри вода, со дишење, пот и мокрење. Поради ова е битно секој ден да се надокнади оваа загуба.
Под дехидратација се подразбира негативен биланс на вода во организмот.
СИМПТОМИ:
Еден од симптомите на дехидратацијата сите знаат да го препознаат – жедта. Зголемената жед е знак дека телото веќе дехидрирало.
Освен жедта, други симптоми кои можат да се појават како резултат на дехидратација се: сува уста, поспаност и замор, слабост во мускулите, главоболка, вртоглавица, отсуство на потење и солзи, намалено производство на урина, низок крвен притисок, забрзан ритам на срцето, збунетост и несвестица.
ПРИЧИНИ:
Повраќање и дијареја, зголемено потење, често мокрење, висока телесна температура, изгореници и други оштетувања на кожата.
ПРЕВЕНЦИЈА: Секојдневно консумирајте многу течности, јадете повеќе овошје и зеленчук, пијте многу вода пред и после вежбање, не вежбајте на отворено во најжешкиот период од денот, не пијте многу кафе, газирани пијалоци или други течности што содржат кофеин, намалете ја или прекинете ја консумацијата на алкохол, избегнувајте протеински диети, облекувајте се лесно.
Во просек, нормално е да се конзумира 2 до 3 литри вода на ден. Ако бојата на урината ви е светло жолта, тоа значи дека не сте дехидрирани. Ако забележите дека ви е потемна, пијте повеќе вода. Пијте обична вода, природните и газираните сокови не се доволна замена за обичната вода.