Стрептококната ангина (бактериско воспаление на грлото), е една од најчестите заболувања, особено во детската возраст, но и кај возрасните. Не постои човек кој во текот на животот не заболел повеќе пати од овој вид инфекција.
Стрептококните ангини се предизвикани од бактерии наречени стрептококи, бактерии со топчест облик кои растат во облик на парови или синџири. Болеста почнува по неколку дена инкубација (1 до 3 дена, а кај скарлатина по 3 до 5 дена) со покачена температура, главоболка, болка во грлото при голтање, црвенило и оток на лигавицата со гноен ексудат, зголемени и осетливи лимфни јазли на вратот. Кај помалите деца постои тенденција на ширење на инфекцијата во средното уво, мастоидите и менингите. Дваесет проценти на инфекциите може да поминат без симптоми.
Овие инфекции се најчести во зима и рана пролет, се пренесуваат преку воздух – капковни инфекции, поради што ширењето на инфекцијата е полесно во затворени простори и колективи (градинки, училишта, касарни). Стрептококите се наоѓаат на прво место како причинители на тонзило- фарингити, почнувајќи од училишната возраст ( поточно од 5 години), но и кај возрасните. Кај деца помали од 5 години најчести предизвикувачи на воспаленијата на горните дишни патишта се вирусите.
Лекување со антибиотици
За потврда на стрептококни инфекции се зема брис од грлото. Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, како и изолација на микроорганизмот на подлога. Лекувањето на стрептококните инфекции се спроведува со антибиотици и лек на избор е пеницилинот. Кај деца преосетливи на пеницилин се користи линкомицин. Лекувањето треба да трае 10 дена.
Компликации од стрептококни инфекции
Пострептококните болести се јавуваат по латентен период од неколку недели (до 4 недели) при што доаѓа до развој на нефритис или ревматска треска. Латентниот период сугерира дека овие болести се последица на преосетливоста на домаќинот.