Кроновата болест е хронична воспалителна болест на дигестивниот тракт. Ова долготрајно хронично заболувања е проследено со слузести и слузесто-крвави празнења, со грчеви и болки во стомакот.
Оваа болест може да зафати било кој дел од дигестивниот тракт (од устата до анусот). Кроновата болест може да предизвика и компликации надвор од дигестивниот тракт, на пример: кожен осип, артритис, воспаление на окото итн.
Симптомите при овие заболувања се пролив или запек, слуз или крв во изметот, прекумерно испуштање гасови, кркорење на цревата итн. При манифестација на секој од овие симптоми, а особено при крв во изметот, треба веднаш да се оди на лекар и да се дијагностицира за што се работи.
Почетното лекување е со соодветни лекови со медикаментозни клизми, надоместување на електролитите и белковините и со тоа во голем процент се постигнува долгогодишна ремисија. Ако дојде до компликации – преплет на цревата, масивно крвавење, појава на стенози и фистули, тогаш се препорачува хируршка интервенција.
Употребата на животински масти, лути храни со многу зачини, алкохол, мешункаста храна што создава многу гасови треба во акутната фаза да се избегнува. Не треба да се јадат сувомесни производи, особено чадени, пикантни сосови и сл. Треба храната повеќе да биде варена, а помалку пржена и печена. Производи од ориз, компир, особено компир-пире, пасирани моркови, пилешко месо, млечни производи, особено јогурт, кравјо сирење треба да се употребуваат во акутната фаза за полека да се премине на друга храна, но во помали количества. Храната треба добро да се џвака. Треба да се јаде повеќепати на ден по помали количества, а не одеднаш големи порции што цревата не можат да ги преработат.
После една недела од ваквата исхрана, болните ќе почувствуваат значително подобрување. После тој период се додава по еден вид храна повеќе и се следи реакцијата на организмот. Доколку се јави негативна реакција, болниот треба да знае дека таквиот вид на храна е непожелен за неговиот организам. Доколку се јави реакција на новата додадена храна, се чека една недела со „тестирање“ на друга храна, за да му се даде време на организмот да се стабилизира од реакцијата, односно да се стабилизира после алергиската реакција.